Претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес Ненси Пелоси изјави дека ќе биде формиран нов одбор за истрага на нападот врз зградата на Конгресот на 6 јануари. Републиканците во Сенатот во мај блокираа создавање на независна комисија за испитување на нападите.
Пелоси на прес-конференција рече дека би било пожелно да има надворешна комисија и дека не се откажала целосно од идејата.
Претставничкиот дом усвои закон за формирање независна двопартиска комисија, но беше блокиран од републиканците во Сенатот, велејќи дека тоа е непотребно со оглед на постојните истраги на комитетот и на обвинителството.
„На ова гледаме како додаток, а не како замена и се надеваме дека во одреден момент ќе има таква комисија“, рече Пелоси.
Во нападот на Капитол Хил на 6 јануари, стотици приврзаници на тогашниот претседател Доналд Трамп упаднаа во Конгресот во обид да спречат потврда на победата на Џо Бајден.
За време на упадот, шест лица беа убиени, меѓу кои и еден полицаец од Капитол. Повеќе од 480 лица се уапсени под обвиненија поврзани со нападот.
Трамп, кој ја напушти функцијата подоцна во јануари, постојано лажно тврди дека неговиот пораз на изборите во ноември бил предизвикан од измама на гласачите. Ваквите тврдења беа одбиени од бројни судови, како и од државните изборни претставници и од ревизијата на неговата администрација.