Радев: Нема да кажеме да, додека Македонија ја краде нашата историја

Румен Радев

Забрзувањето на европската перспектива за Република Северна Македонија зависи само од ангажманот и резултатите во дијалогот со Бугарија, изјави бугарскиот претседател, Румен Радев, пред почетокот на Европскиот совет во Брисел. Тој истакна дека сите покажувале со прст кон Бугарија по блокадата во мај, но привремената влада вложила големи напори да ја објасни бугарската позиција, одржувајќи бројни состанови и разговори со лидерите на европските институции.

„Верувам дека разбраа дека обвинувањата против Бугарија се неосновани. Имаме јасна позиција да најдеме излез од овој проблем и дека се држиме до сигурни гаранции, до одржливи и неповратни резултати во билатералните односи. Време е да излеземе од семејната дипломатија пред камерите и да се фокусираме на прагматични решенија“, рече Радев.

(Не)соодветна стратегија во спорот со Бугарија

Софија останува на ставот- нема напредок за Скопје во ЕУ

Бугарскиот претседател е категоричен дека Софија се придржува до критериумите за членство и не можела да ја игнорира дискриминацијата на граѓаните во Северна Македонија, само поради нивното самоидентификување како Бугари, што е спротивно на европските вредности и принципи.

„Нема начин да се каже „да“ пред да видиме одржливи механизми за искоренување на искривената приказна и намерниот однос кон Бугарија – од учебници, музеи, споменици до медиумите и државната политика. Не можеме да кажеме да, сè додека не бидеме убедени дека нашиот сосед нема да го гради својот идентитет врз кражбата на бугарската историја“, рече Радев.

Тој додаде дека Бугарија останува отворена за брзи, ефективни билатерални разговори во интерес на граѓаните на двете земји.