Заев: Нема дилема кога се употребува Северна Македонија, а кога македонско

Премиерот Зоран Заев во Собрание

Кога се претставува државата, а фудбалската репрезентација ја претставува државата, тогаш се употребува на Северна Македонија, додека македонско, македонска, Македонец, сите делови на придавката, нашиот идентитет, македонскиот јазик се употребуваат во сите други форми на дискусија, општење и соопштување на нашите ставови, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието.

На прашање од пратеничката Ане Лашкоска, од ВМРО-ДПМНЕ, за извинувањето дека направил грешка што напишал „македонска фудбалска репрезентација“, Заев посочи дека коректно е човек да се коригира кога нешто е спротивно на Преспанскиот договор.

Заев на Фејсбук - Сѐ дури постои македонскиот јазик ќе постојат и Македонците

„Јас сум ги потпишал тој договор, сум го преговарал тој договор и апсолутно целосно го гарантира македонскиот идентитет, македонскиот јазик и нашата македонска национална посебност. Апсолутно нема дилема кога се употребува на Северна Македонија, а кога македонско, Македонец, Македонка и така натаму“, изјави Заев.

Пред неколку дена премиерот Зоран Заев на социјалната мрежа Твитер напиша: „Денеска од стадионот во Амстердам давам силна поддршка на македонската фудбалска репрезентација“.

По ваквата објава портпаролката на грчката Влада, Аристотелија Пелони го предупреди премиерот дека го крши Преспанскиот договор кога го спомнува „македонскиот фудбалски тим“, без да ја користи придавката „северна“.