Се врши миграција на податоци на новиот надграден систем, по што од понеделник започнуваме повторно со подготовка на издавање на сите документи, кои што ќе бидат усогласени со Уставот, во делот на новото уставно име и со другите законски податоци, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието.
Спасовски посочи дека во ниту еден момент досега нема застој во издавањето на патни исправи, лични карти, возачки дозволи или било каков друг документ во државата.
„Што се однесува на дипломатските пасоши, старите обрасци, кои што ги имаме, затоа што не била направена добра проценка во одреден момент во МВР не се нарачани и бидејќи, имавме нарачани нови обрасци немаме доволно дипломатски пасоши. Меѓутоа, тоа не е проблем за граѓаните, тоа е проблем за функционерит“, изјави Спасовски.
Издавање лични документи и свидетелства - проблем или дезинформација?
Во делот на регистарски таблички, Спасовски потврди дека имало одреден проблем и одреден застој со јавната набавка, која се спроведувала и по забелешки од Бирото за јавни набавки била обезбедена конкурентност. Тој проблем со склучување на договорот, посочи Спасовски, е надминат и во понеделникот се стигнати 14 илјади таблици во магацините на МВР.