ЕУ лидерите повикаа на „крај на репресијата“ во Белорусија

Илустрација

Европската унија денеска одобри санкции кои ќе се однесуваат на клучните сектори на белоруската економија како и на главните извори на приходи на режимот на авторитарен владетел Александар Лукашенко. Станува збор за санкции кои се однесуваат на белорускиот извоз на ѓубрива, тутунска индустрија, нафта и петрохемиски производи.

На денешниот Самит на 27 земји членки на Унијата, лидери на блокот ги повторија повиците за итно ослободување на сите политички затвореници и произволно притворени лица во Белорусија и побараа „крај на репресијата на граѓанското општество и независните медиуми“ во она што беше наречено како „последната диктатура во Европа“.

Власта на Лукашенко беше под голем меѓународен притисок откако започна таканаречената брутална акција против политичката опозиција и независните медиуми во пресрет на спорните избори во август 2020 година.

Демонстрантите тврдеа дека изборите биле наместени, додека ЕУ, САД и другите земји одбија да ги признаат официјалните резултати од гласањето со што Лукашенко не е прифатен како легитимен лидер на Белорусија.

Односите се влошија на 23 мај кога белоруските власти со помош на воен авион го принуди патничкиот авион на Рајанер кој леташе на линијата Атина-Вилнус да слета во Минск. Лидери на неколку европски земји овој чин го сметаа за „киднапирање“ . Откако слета авионот, кој беше пренасочен непосредно пред да го напушти белорускиот воздушен простор, органите на прогонот веднаш ги уапсија опозицискиот блогер Раман Пратасевич и неговата руска девојка.

„Со оглед на сериозноста на тој инцидент, и со оглед на ескалацијата на сериозните повреди на човековите права во Белорусија и насилната репресија на граѓанското општество, демократската опозиција и новинарите, како и на лицата кои припаѓаат на националните малцинства, треба да се спроведат дополнителни насочени економски мерки “, соопштија лидерите на ЕУ.

Според заклучоците на Самитот, ЕУ ќе воведе понатамошни ограничувања кои ќе се однесуваат на трговијата со оружје, нафтени производи, и тутунски производи. Финансиските санкции ќе вклучуваат ограничувања на пристапот на белоруската влада до пазарите на капитал во ЕУ.

Европската унија, Соединетите држави, Велика Британија и Канада претходно спроведоа санкциите кон Белорусија во кои беа вклучени замрзнување на средствата и забрането патување кон нив за десетици функционери, пратеници и министри од администрацијата на Лукашенко и членовите на неговото семејство.