Франција и Германија предлагаат самит на ЕУ со Путин

Франција и Германија предлагаат самит на Европската унија со рускиот претседател Владимир Путин

Франција и Германија предлагаат самит на Европската унија со рускиот претседател Владимир Путин во обид за подобрување на односите, јавува новинската агенција Ројтерс, повикувајќи се на дипломатски извори. Тоа би бил прв таков состанок од 2014 година и ќе следи по средбата на американскиот претседател Џо Бајден со Путин во Женева на почетокот на овој месец. Овој предлог, според оценките, ја одразува загриженоста во Париз и Берлин дека пристапот на ЕУ кон Русија во последните години е главно насочен кон санкции врз Москва. „Треба да разговараме за тоа како да се извлечеме од оваа негативна спирала ... но треба да напредуваме обединети“, изјави за Ројтерс еден висок дипломат на ЕУ, додавајќи дека некои балтички земји можеби нема да се согласат на самит.

Борел го претстави новиот пристап на ЕУ во односите со Русија

Не е јасно дали на евентуален таков самит ќе учествуваат сите 27 лидери на ЕУ или само шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Таквите самити беа прекинати откако Русија го анектираше украинскиот полуостров Крим во 2014 година. Лидерите на ЕУ на дводневниот самит во Брисел ќе разговараат за новата стратегија за управување со влошените односи со Русија.