Оптимизам во Иран за оживување на нуклеарниот договор од 2015 година

Махмуд Ваези, шеф на кабинетот на иранскиот претседател во заминување Хасан Рохани

Иранскиот претседател во заминување Хасан Рохани рече дека главните прашања меѓу Техеран и светските сили за оживување на нуклеарниот договор од 2015 година се решени, иако Франција и Германија предупредија дека се уште има препреки.

Изјавата дадена на состанокот на неговиот кабинет денеска доаѓа откако високи ирански функционери сигнализираа дека има напредок во разговорите што се одвиваат од април во Виена. Шефот на кабинетот на Рохани Махмуд Ваези рече дека Соединетите Американски Држави се согласиле да тргнат повеќе од 1000 санкции кои поранешниот американски претседател Доналд Трамп ги воспостави откако пред три години реши да ја повлече земјата од нуклеарниот договор.

"Постигнат е договор за тргање на сите санкции за осигурување, нафта и транспорт, а сега се разговара кои од останатите санкции се поврзани со нуклеарниот договор, а кои се однесуваат на периодот пред неговото постигнување во 2015 година“, го цитираат Ваези иранските државни медиуми.

Соединетите Американски Држави се индиректно присутни на разговорите со Техеран во Виена поради тоа што Иран ги отфрли билатералните разговори лице в лице. Но, американска делегација е во австрискиот главен град додека други држави и Европската унија разговараат непосредно со двете страни.