Министерот за здравство Венко Филипче смета дека учениците би можеле да се вратат во училиштата од септември, а за две недели целосно ќе бидат завршени протоколите за новата учебна година.
„Протоколите за учебната година се речиси готови. Има уште некои технички детали, на кои работи работната група, во која членуваат претставници од Министерството за образование и наука и епидемиолози од Комисијата за заразни болести. Планирано е да присуствуваат сите деца, сто отсто од вкупниот број во класовите. Така се подготвуваат и протоколите. Мерките се: дезинфекција, често проветрување на училниците, немешање на различни класови. Протоколите ќе бидат целосно завршени за две недели“, изјави Филипче.
Тој соопшти дека со пристигнувањето на големата количина вакцини викендов, се планира имунизација и на сите наставници. Филипче рече и дека одлуката на Бирото за развој на образованието да не се делат сега свидетелства на учениците оти нема услови, не е донесена во координација со министерството.
„Свидетелствата можат да се делат во дворовите. Се што може да се организира надворешни услови, може да се направи“, смета Филипче.
Бирото за развој на образованието на училиштата им прати известување дека во „вакви услови“ не може да се делат свидетелства па ја одложија процедурата за до крајот на учебната година.