Претседателката на Европската комисија Урсула вон дер Лајен рече дека новиот унгарски закон со кој се забранува споделување на ЛГБТ содржина со малолетници е дискриминаторски и дека извршната власт на Европската унија размислува за правни активности бидејќи со него се прекршуваат основните вредности на блокот.
„Унгарскиот закон е срам“, рече Вон дер Лајен денеска.
Таа додаде дека предложениот закон јасно ги дискриминирани луѓето врз основа на нивната сексуална ориентација.
"Им дадов инструкции на одговорните комесари да напишат писмо до унгарските власти во кое ќе ги искажат правните проблеми пред да влезе законот во сила“, рече таа.
Контроверзниот закон кој според критичарите преставува напад врз правата на ЛГБТ заедницата се соочи со меѓународни критики откако беше усвоен од унгарскиот парламент минатата недела. Со него се забранува прикажување и промоција на хомосексуалност на лица под 18 години, се забрануваат дискусии и ширење на информации во училишта за кои ќе се оцени дека промовираат хомосексуалност, а се воспоставува и забрана за реклами кои се смета дека се наменети за лица под 18 години, а во нив се покажува солидарност со хомосексуалците.
На вчерашниот состанок на Советот за општи работи на Европската унија во Луксембург 13 земји членки ја осудија Унгарија за законот, а некои од нив побараа Европската комисија да ја повика Будимпешта на највисокиот суд на унијата. Унгарскиот премиер Виктор Орбан рече дека коментарите на Вон дер Лајен за законот се срамни и дека се основани врз лаги.