„Катимерини“: Грчката Влада лута поради твит на Заев

Премиерот Зоран Заев

Грција го замрзнува ратификувањето на три меморандуми за соработка со Северна Македонија поради објава на премиерот Зоран Заев на „Твитер“ за фудбалската репрезентација, во која не го користи уставното име на државата, објави грчкиот весник „Катимерини“. Под наслов „Гнев во Атина, замрзнуваат меморандуми со Северна Македонија“, грчкиот весник пишува дека станува збор за три меморандуми кои грчкиот Парламент требало да ги ратификува идниот месец, но дека сега процесот ќе биде одложен, најверојатно, за септември, а можеби и за подоцна.

Во „твитот“ од понеделникот, кој, според грчкиот весник, ја налутил грчката влада, Заев напиша дека фудбалскиот натпревар (Македонија - Холандија, н.з.) го следи заедно со холандскиот премиер и дека без оглед на резултатот ѝ дава поддршка на „македонската фудбалска репрезентација“.

Видете и ова: Заев- прашањето со ФФМ ќе се реши врз основа на Договорот од Преспа и правилата на УЕФА

Повикувајќи се на владини извори, „Катимерини“ пишува дека грчката влада не може да „замижи“ пред „двојната игра“ на „соседите“, потенцирајќи дека изминатиов период имало неколку „инциденти“ поврзани со Договорот. Во текстот се пренесува изјава на портпаролката на грчката влада, Аристотелија Пелони, која вчера, според весникот, испратила предупредување до премиерот Заев дека мора да го почитува Договорот од Преспа во сите контексти, вклучително и меѓународните спортски настани.

Твитот на Заев со содржина која, според објавата на „Катимерини“, е спорна за властите во Грција