Ниту во Владата, ниту во владејачката партија СДСМ, ниту со премиерот Зоран Заев не е разговарано за промена на знаме, грб или химна на државата, велат од Владата за новинската агенција МИА. Овој демант доаѓа по изјавата на лидерот на ДУИ Али Ахмети кој во интервју за ТВ Клан изјави дека прашањето за промената на химната е веќе извесно и дека за тоа немало, како што вели, поголемо противење од неговиот политички партнер.
„Во изјавата на г. Ахмети не забележавме дека тој изјави дека наводно било разговарано со премиерот Заев или со било кој друг претставник на политичките субјекти во власта. Сметаме дека државата треба да се фокусира со сите свои капацитети на политиките кои носат развој, економија и повеќе пари за граѓаните. Владата ќе продолжи на тој пат“ се вели во одговорот од Владата.
Ахмети: Разговарано е за промена на химната, грбот и знамето
Ахмети во интервју за ТВ Клан, во краткото видео кое беше денеска објавено, вели дека „се разговарало за промена на химната и за грбот и за знамето. Новинарското прашање на кое одговара Ахмети се однесува на промената на политичка насока во зелена агенда на ДУИ во однос на досега решените албански прашања.
„Се разговарало и за химната и за грбот и за знамето. Овие се прашања за кои е потребен консензус, но ова повеќе ќе зависи од договор помеѓу Македонците. Што се однесува на химната, се разговарало и нема којзнае какво противење и тоа е повеќе прашање на време и мислам дека може да се разговара без резерви“ изјави Ахмети за ТВ Клан.
Тој во интервјуто истакнал дека поголемиот дел од прашањата од Охридскиот рамковен договор се затворени, како што е законот за јазиците.