Закариас- Португалија стори се што можеше за да изнајде можно решение за македонско-бугарскиот спор

Илустрација, средба на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров со државниот секретар за европски прашања во МНР на Португалија- Ана Паула Закариас

Португалија направи се што можеше за време на претседавањето со Советот на ЕУ да изнајде можно решение, можен компромис за македонско-бугарското прашање, изјави денеска државниот секретар за европски прашања во МНР на Португалија- Ана Паула Закариас на прес конференцијата по завршувањето на состанокот на Советот за општи работи во Луксембург. Таа на новинарско прашање истакна дека и е жал што денеска имале само две наместо четири меѓувладини конференции.

„Но тоа е многу тешко, ние го разбираме тешкиот политички момент во кој се наоѓаат Северна Македонија и Бугарија. Се уште не е моментот. Треба да се изнајде решение во кое сите учесници и сите засеганти ќе се чувствуваат удобно. Ние го охрабруваме словенечкото претседателство да ги продолжи нашите напори, да не се изгуби моментумот, да ја продолжи дебатата и да ги искористи предлозите кои се на маса. Навистина се надевам дека ќе се случи што е можно поскоро меѓувладината конференција со Северна Македонија и Албанија во следниот семестар“ изјави Закариас.

Претходно од бугарското министерство за надворешни работи соопшти дека останува на својот став односно дека нема да даде „зелено светло“ за Македонија да отпочне преговори со Европската Унија.

Бугарско МНР- Скопје да ги спроведе ветувањата, па потоа преговори со ЕУ

Заменикот министер за надворешни работи на Бугарија Румен Александров на денешниот состанок изјавил дека остануваат на своите позиции од 10 октомври 2019 година и дека очекуваат од Северна Македонија да започне во пракса да ги спроведува преземените обврски на високо ниво дадени на 17 јуни 2021 година во Софија за да може да се придвижи процесот во позитивна насока. Инаку на тој датум македонска делегација во Софија предводена од премиерот Зоран Заев достави предлози кои не беа соопштени во јавноста.