Промена на трите државни симболи, знамето, грбот и химната било дел од разговорите меѓу лидерите на СДСМ Зоран Заев и на ДУИ Али Ахмети. Ова вчера во интервју за ТВ Клан го изјавил владиниот коалиционен партнер Ахмети. Тој во интервјуто истакна дека прашањето за промената на химната е веќе извесно и дека за тоа немало, како што вели, поголемо противење од неговиот политички партнер.
„Се разговарало и за химната и за грбот и за знамето. Овие се прашања за кои е потребен консензус, но ова повеќе ќе зависи од договор помеѓу Македонците. Што се однесува на химната, се разговарало и нема којзнае какво противење и тоа е повеќе прашање на време и мислам дека може да се разговара без резерви“ изјави Ахмети за ТВ Клан.
Во истото гостување во Клан ТВ, Ахмети посочи и дека неговата партија планира да соработува со СДСМ на локално ниво во пресрет на изборите, зашто, како што вели, тоа е во интерес на двете партии.