Бугарско МНР- Скопје да ги спроведе ветувањата, па потоа преговори со ЕУ

Премиерот Зоран Заев и техничкиот премиер Стефан Јанев

Бугарија денеска не даде „зелено светло“ за Северна Македонија на денешниот состанок на Советот за општи работи во Луксембург. Во соопштението на бугарското министерство за надворешни работи е наведено дека Бугарија е отворена за конструктивен дијалог во Северна Македонија за време на претстојното словенечко претседателство со Советот на ЕУ за изнаоѓање на меѓусебни прифатливи решенија.

Заменикот министер за надворешни работи на Бугарија Румен Александров на денешниот состанок изјавил дека остануваат на своите позиции од 10 октомври 2019 година и дека очекуваат од Северна Македонија да започне во пракса да ги спроведува преземените обврски на високо ниво дадени на 17 јуни 2021 година во Софија за да може да се придвижи процесот во позитивна насока. Инаку на тој датум македонска делегација во Софија предводена од премиерот Зоран Заев достави предлози кои не беа соопштени во јавноста.

„Ова вклучува експлицитно одбивање на Република Северна Македонија од територијални, малцински и историски претензии кон Бугарија, промена на натписи и споменици кои влеваат омраза кон Бугарија во Република Северна Македонија, активирање на процес на рехабилитација на бугарските жртви од југословенскиот комунизмот. Без оглед на нашиот билатерален дијалог со Република Северна Македонија, Бугарија инсистира на тоа дека спроведувањето на Договорот за соседство од страна на Република Северна Македонија треба да биде вклучено во условите во идната рамка за преговори за пристап на Скопје во ЕУ “, изјавил заменик министерот Александров.

Бугарија дала висока оценка за постигнатите реформи во Албанија и ја потврди поддршката за усвојување на рамката за преговори со ЕУ.