Судот го одобри обвинението против Камчев за „Плацевите на Водно“

Јордан Орце Камчев во суд како сведок во случајот „Рекет“

Бизнисменот и осомничениот Јордан Камчев на 16 јули ќе седне на обвинителна клупа во Основниот суд Скопје 1 по обвинението познато во јавноста како „Плацеви на Водно“. Судскиот совет денеска го одобри обвинителниот акт за случајот во кој се обвинети и поранешниот пемиер, Никола Груевски, неговиот кум Ристо Новачевски, екс директорот на УБК Сашо Мијалков, мајката на Камчев, Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ.

Во соопштението од Кривичниот суд е наведено дека и покрај летната судска ферија, процесот ќе се одвива затоа што станува збор за притворски предмет бидејќи обвинетиот Камчев е во притвор од 14-ти март. Камчев беше приведен поради информации за наводно подготвување бегство во Бугарија, при што му беше определена едномесечна мерка притвор која е три пати продолжена.
Камчев нудеше и гаранција од 1,7 милион евра за да се брани од слобода, но таа му беше одбиена бидејќи според Апелацискиот суд и натаму постои опасноста од бегство.

Според обвинителството, од 2006 до 2012 година, Груевски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од партиски донации што ги добивал лично или преку општинските комитети, ги задржувал за себе, па така прибрал најмалку 1,3 милиони евра. Од октомври 2012 до септември 2013 година, парите ги потрошил со купување градежно земјиште на Водно, поточно на зафатот веднаш над Панорама, односно во местото викано Шербетница. Но за време на истрагата беа откриени и уште два нови стана и ново градежно земјиште, кои од неодамна на барање на обвинителството се замрзнати.