Македонскиот претседател Стево Пендаровски денеска изјави дека во услови кога проширувањето на ЕУ де-факто е замрзнато за земјава на маса се две опции. Првата е да ја донесеме Европа дома и второ, за кое како што вели, треба наскоро да почнеме да го враќаме во живот договорот за стратешко партнерство со САД од 2008-мата година, како еден вид на алтернатива. Пендаровски изрази скептицизам во однос на шансите Северна Македонија денеска да добие одлука за почеток на пристапните преговори со Европската Унија. Според него клучниот проблем на ЕУ е носењето на одлуки со консензус.
„Без измени на тоа, Унијата не може да биде клучен геополитички играч. Тоа доведува и до пораст на евроскептицизмот во регионот на Западен Балкан и во Северна Македонија, но и во самата ЕУ, што е поразително“, изјави претседателот Пендаровски панел дискусија на тема „Триесет години независност и евро-атлантските перспективи на Република Северна Македонија“.
Во своето обраќање, шефот на државата се осврна и на односите со соседна Бугарија и блокадата од Софија во контекст на македонските евроинтеграции. Пендаровски изјави дека е јасно кажано од Софија дека во недостаток на Парламент и во недостаток на политичка влада тие нема да можат да дадат зелено светло.
„Се што можеше од наша страна да биде понудено како гест на добра волја, а што не излегло од рамките на едно резонско разговарање и преговарање за битни аспекти на билатералата со Софија беше понудено. Се разбира, не можеме да влеземе во идентитетскиот комплекс и ако некој очекува дека по јули или август ќе го направиме тоа, тој се лаже“ изјави Пендаровски.
Според Пендаровски португалскиот предлог за надминување на спорот со Бугарија е одличен затоа што во него се декларираат позициите на двете страни.