Разочарани сме и јас и вие, изјави шведската министерка Линде за бугарската блокада

Министерката за надворешни работи на Шведска, Ан Линде, и министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Осмнани, Скопје 22 јуни 2021

Македонија ги исполни потребните услови и преговорите треба да започнат веднаш. Како претставник на шведската Влада цврсти верувам дека преговорите со Северна Македонија требаше веќе да бидат почнати и ЕУ веќе донесе едногласна одлука за ова во март 2020 година, изјави денеска во Скопје шведската министерка за надворешни работи Ан Линде, на заедничката прес-конференција со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.

Одговарајќи на новинарско прашање, во однос на блокадата од Бугарија, Линде рече дека ЕУ презела обврски кон Северна Македонија и дека треба да ги исполни тие обврски.

„Потребен е билатерален дијалог да се решат овие прашања на соодветен начин и ги поттикнувам сите дипломатски напори за решавање на ова прашање. На моите состаноци со министрите за надворешни работи во ЕУ јасно истакнувам дека Бугарија не треба да ги блокира преговорите и дека билатерално прашање не треба да биде предуслов за почеток на преговорите со Северна Македонија. Мислам дека ова е заедничка позиција и став на повеќето министри за надворешни работи, освен на министерот за надворешни работи на Бугарија“, изјави Линде.

Видете и ова: Пендаровски: Дел од вината за одложувањето на интеграцијата е и кај Брисел и европските партнери


Реформите, исто така, нагласи Линде, не се спроведуваат само за членство во ЕУ, туку и за доброто на граѓаните на Северна Македонија.

„Погрешно е да се каже дека ја правиме оваа реформа за ЕУ, туку дека таа е добра за граѓаните и за обезбедување на безбедноста. Тоа не треба да ги обесхрабрува граѓаните. Секако дека има причина да се биде разочаран. Јас сум разочарана, секако и Вие сте разочарани“, изјави Линде.