Европската фудбалска унија (УЕФА) го одби барањето на градот Минхен, Алијанц арената, да биде осветлена со боите на виножито за натпреварот помеѓу Германија и Унгарија на Европското првенство.
УЕФА соопшти дека ја разбира намерата на тој предлог, но дека мора да го одбие барањето поради неговиот политички контекст.
"УЕФА е политички и религиозно неутрална организација. Со оглед на политичкиот контекст на ова барање - порака насочена кон одлуката донесена од унгарскиот парламент - УЕФА мора да го одбие ова барање", се вели во соопштението, пренесува Бета, повикувајќи се на АП.
Градоначалникот на Минхен, Дитер Рајтер, побара стадионот да биде осветлен со бои на виножито во знак на протест против законот усвоен од унгарските законодавци минатата недела со кој се забранува „промовирање“ на хомосексуалноста и промена на полот кај малолетници.
Унгарија забрани „промовирање“ на хомосексуалност меѓу малолетници
Критичарите го опишаа законот како напад врз правата на лезбејките, хомосексуалците, бисексуалците и трансродовите лица. За овој закон гласа вкупно 157 од 199 пратеници во Парламентот, контролиран од владејачката партија Фидес на премиерот Виктор Орбан. Фидес го опиша законот како обид да се заштитат децата од педофилија. Пратениците од опозицијата го бојкотираа гласањето, со исклучок на десничарската партија Јобик, која го поддржа законот.
Европската Унија и Соединетите Држави ја критикуваа официјална Будимпешта откако унгарскиот парламент го одобри контроверзниот закон. Портпаролката на американскиот Стејт департмент Џалина Портер изјави дека новиот закон „предизвикува загриженост“ поради заканата за „слободата на изразување“ и вклучува ограничувања кои „немаат место во демократското општество“.
Европскиот комесар за рамноправност Хелена Дали предупреди пред усвојувањето на законот дека Европската унија може да го скрати финансирањето од европските фондови на Унгарија поради овој потег, сличен на потегот на шест полски региони во кои промоцијата на „ЛГБТ идеологијата“ беше прогласена за непожелна.