Билатералните прашања не смеат да се користат за блокирање на европскиот пат. Такви прашања можат да се решаваат во меѓувреме, но билатерално и не може да бидат поврзани со преговорите, вели во интервју за МИА словенечката европратеничка Ирена Јовева, коментирајќи ги блокадите на евроинтегративните процеси на Република Северна Македонија.
„Морам пак да повторам дека се срамев и се уште се срамам кога ги видов и кога ги слушам бугарските реакции кои што, после се што направи Северна Македонија, наместо да биде пријателска поддршка на земјата, одлучи да го блокира целиот напредок досега. Билатералните прашања не смеат да се користат за блокирање на европскиот пат. Такви прашања можат да се решаваат во меѓувреме, но билатерално и во никаква врска со преговорите како такви. Европскиот пат не смее да биде жртва или заложник на политиката и историските расправии. Веќе долго време велам дека консензусот во Советот во повеќето случаи е лоша идеја, затоа што многу големи работи се блокирани поради само една земја членка која што консензусот го користи поради некои свои интереси“, вели Јовева.
Таа додава дека во Европскиот Парламент има голем број на искрени пријатели на Северна Македонија кои сметаат дека овие уцени се претерани и неприфатливи.
Министерски совет на ЕУ за новата методологија за Западен Балкан
Јовева, која е со македонско потекло и доаѓа од редовите на политичката група Ренесанса на Европа во Европскиот парламент, и е потпретседателка на мешовитата парламентарна комисија ЕУ – Северна Македонија, најавува дека Западниот Балкан ќе биде во фокусот на претстојното словенечко претседателство и оти Љубљана силно ќе лобира за целиот Балкан.