Британската амбасада негираше договор со Србија против руско влијание

Bританскиот министер за одбрана Бен Валас

Британската амбасада во Белград негираше дека е потпишан договор со Министерството за одбрана на Србија за спречување на влијанието на Русија во земјата. „Дејли телеграф“ на 18 јуни објави дека британскиот министер за одбрана Бен Валас во интервју за време на неговата посета на Србија изјавил дека двете земји потпишале важен договор за блокирање на влијанието на Русија и дека Велика Британија ќе и помогне на Србија да се спротивстави на „злобното влијание“ и „манипулацијата“ на Русија.

Амбасадата, во писмената изјава за РСЕ, негираше дека Велика Британија потпишала таков договор со Министерството за одбрана на Србија. Претходно, Министерството за одбрана во Белград исто така негираше постоење на ваков договор.

Во соопштението се вели дека документот потпишан за време на посетата на Валас минатата недела се фокусирал на консолидирање и проширување на тековната билатерална соработка меѓу министерствата за одбрана на Србија и Велика Британија.

"Документот се занимава со теми како што е заедничкото учество на нашите земји во меѓународни мировни мисии. Во овој документ не се споменува друга држава.Нашиот министер за одбрана за време на неговата официјална посета истакна дека Велика Британија ја почитува воената неутралност на Србија", се вели во соопштението.

Белград и Москва одржуваат блиски односи и покрај тоа што Србија е кандидат за членство во ЕУ. Русија исто така ги поддржува напорите на српските власти да го блокираат членството на Косово во меѓународните институции, додека Белград одби да воведе санкции против Русија.