САД го соопштија планот за споделување на 55 милиони дози вакцини

Вакцини. Илустрација.

Белата куќа го соопшти планот за споделување на 55 милиони дози на вакцини Ковид-19 на глобално ниво, приближно 75 отсто од дозите се доделени на Латинска Америка и Карибите, Азија и Африка преку меѓународната програма за споделување вакцини Ковакс.

Планот ја исполнува заложбата на претседателот Џо Бајден да сподели 80 милиони вакцини произведени во САД со земјите низ целиот свет. Бајден ги изнесе своите приоритети за првите 25 милиони дози од тој план претходно овој месец.

„Додека ние продолжуваме да се бориме против пандемијата Ковид-19 дома и работиме на ставање крај на пандемијата ширум светот, претседателот Бајден вети дека Соединетите држави ќе бидат арсенал на вакцини за целиот свет“, се вели во соопштението на Белата куќа.

Од преостанатите 55 милиони дози, околу 41 милиони ќе бидат поделени преку Ковакс, а приближно 14 милиони одат во Латинска Америка и Карибите, околу 16 милиони во Азија и приближно 10 милиони во Африка.

Останатите 25 отсто или приближно 14 милиони дози, ќе бидат споделени со „регионалните приоритети“, вклучувајќи ги Колумбија, Аргентина, Ирак, Украина, Западниот брег и Газа.

„За сите овие дози, на оние кои се изложени на најголем ризик, како што се здравствените работници, треба да им се даде приоритет, врз основа на националните планови за вакцини“, соопшти Белата куќа.

Бидејќи поголем број луѓе се вакцинираат во САД, администрацијата на Бајден се повеќе го насочува својот фокус кон испорака на вакцини во странство.