ЕУ воведува нови економски санкции за Белорусија

Луксембург- Шефот на европската надворешна политика Џозеп Борел претседава со состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската унија,21.06.2021

Министрите за надворешни работи на Европската унија денеска одобрија нови санкции за голем број службени лица и субјекти во Белорусија, вклучително и членови на семејството на авторитарниот белоруски лидер Александар Лукашенко. Списокот со 78 лица и осум субјекти се очекува да биде објавен денеска, а на него се наоѓаат пратеници, обвинители, судии и други службени лица за кои ЕУ наведува дека се „одговорни за сериозни прекршувања на човековите права и за поткопување на владеењето на правото како и за репресија врз граѓанското општество и демократската опозиција“.

Синот на Лукашенко Дмитри и сопругата на неговиот најстар син Лилија исто така се ставени на списокот со санкциите поради „полза и поддршка на режимот на Лукашенко“.

Новите мерки за замрзнување на имотот и забрана за патување беа подготвени од експерти кои имаа задача да дизајнираат санкции за Белорусија како одговор на присилното слетување на авионот на Рајанер во Минск минатиот месец за да биде уапсен опозицискиот новинар и активист кој се наоѓаше во авионот. ЕУ веќе забрани белоруските авиокомпании за летаат над територијата на земјите членки и да ги користат нивните аеродроми.

И пред овој инцидент ЕУ размислуваше за нови санкции поради бруталната акција врз опозицијата која протестираше против режимот на Лукашенко по изборите лани во август, кои унијата ги смета за нерегуларни.
Министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ денеска се сретнаа во Луксембург, на состанок со кој претседаваше шефот на евроспката дипломатија Џозеп Борел.