Израелскиот премиер го осуди изборот на новиот ирански претседател

израелскиот премиер Нафтали Бенет

Израел го осуди изборот на Ебрахим Раиси за нов претседател на Иран, наведувајќи дека неговиот режим ќе биде брутален.

Новиот израелски премиер Нафтали Бенет изјави дека изборот на Раиси е знак за странските сили да се „разбудат“ пред договорот за иранската нуклеарна програма.

Опишувајќи го Раиси како „најекстремен претседател“ избран во Иран од револуцијата во 1979 година, израелската дипломатија апелира дека неговата победа треба да предизвика „сериозна загриженост“ во светот.

Бенет, кој го наследи Бенјамин Нетанјаху како премиер, рече дека Раиси не е избран од „иранскиот народ, туку од ајатолахот Хамнеи“.

"Изборот на Раиси е сигнал за силите да се разбудат, можеби сигнал во последен момент, пред враќањето на нуклеарниот договор. Овој сигнал треба да им овозможи да разберат со кого имаат работа", рече Бенет.

Кој е Ебрахим Раиси, новиот претседател на Иран

Во меѓувреме, во Виена се водат преговори за заживување на меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма откако САД се повлекоа од тој договор.

Иранскиот главен преговарач, Абас Акакчи, соопшти дека ќе се врати во Техеран на консултации по денешните разговори. Ебрахим Раиси, кој победи на изборите во Иран, е главен судија со ултра-конзервативни ставови. Се наоѓа на списокот на американски санкции за наводни повреди на човековите права.