Белград и Лондон потпишаа документ против руско мешање

Бен Валас и Небојша Стефановиќ во Белград

Министерот за одбрана на Велика Британија Бен Валас изјави дека за време на неговата посета на Србија, двете земји потпишале значаен договор со кој се спречува влијанието на Русија. Валас пристигна во Србија на 16 јуни и се состана со највисоките претставници, вклучувајќи ги и претседателот Александар Вучиќ и министерот за одбрана Небојша Стефановиќ.

Валас во интервју за британски Телеграф изјави дека е во интерес на неговата земја да биде „ангажирана во пост-југословенски развој“ и додаде дека Велика Британија ќе и помогне на Србија да се спротивстави на „злобното влијание“ и „манипулацијата“ на Русија.

„Од наш интерес е да помогнеме на отпорноста на земји како Србија од злонамерни активности и влијанија. На места каде што гледаме дејствувања на други нации, слабеење на земјите или нивно поткопување или обид за манипулација, тогаш, се разбира, тоа е во нашиот интерес да го испровоцираме тоа дејствување и да ги поддржиме тие земји“, рече Валас.

Во официјалните соопштенија на претседателот на Србија и на Министерството за одбрана по средбата со Волас не се наведува дека двете страни потпишале документ кој се спротивставува на руско мешање.

Русија ѝ донираше на Србија 30 тенкови и оклопни возила

Во интервјуто за британски Телеграф, Бен Валас вели дека на Велика Британија „не и пречи“ што Србија има пријателски односи со Русија, бидејќи „Србија е воено неутрална“.

„Ние не сме во руската игра за да ја земеме земјата здраво за готово и да се обидуваме да ја натераме да избере. Ние сакаме најдобра безбедност за народот во Србија, но и натаму ни треба поделба на товарот и некои партнери ќе бидат помалку традиционални отколку што мислите, вклучително и Србија“, рече Валас.

Србија и Русија одржуваат блиски односи и покрај апелите на западните земји и Европската унија до Србија, како земја кандидат за членство во ЕУ, да ја усогласи својата надворешна политика со европската.