Господине Бислимоски, минатиот месец МЕПСО побара повеќе од двојно зголемување на цената за пренос на струјата и се жалат дека добиваат малку пари од вкупната сметка. Поскапување бара и Националниот енергетски маркет оператор. За колку ќе поскапи струјата?
Кон крајот на минатиот месец МЕПСО побара зголемување на цената за пренос на електрична енергија за 140 проценти. Електродистрибуција побара зголемување на нивниот дел за дистрибуција за 1 процент и операторот на пазарот на електрична енергија побара за неговите трошоци зголемување на цената од 45 проценти. Значи тоа се нивни барања. Во овој момент регулаторната комисија за енергетика ги анализира овие барања коишто се доставени од компаниите и уште од сега најодговорно можам да кажам дека тоа што е побарано нема да биде прифатено и Регулаторната комисија за енергетика ќе си прави анализи врз основа на кои, очекувам во наредните десетина дена, да излезе со конечни пресметки. Она што е битно да се знае дека Регулаторната комисија за енергетика на крајната цена влијае со 38 проценти, односно тоа е цената за пренос, за дистрибуција, и еден мал дел за организирање и управување со пазарот на електрична енергија, а на останатите 62 проценти РКЕ нема никакво влијание, бидејќи ЕВН хоум како универзален снабдувач си обезбедува електрична енергија за потребите на тендер што го распишува и притоа кој има понудено најниска цена, тој добива на тендерот и овој трошок што го има ЕВН хоум, РКЕ само го пренесува кон крајните потрошувачи и има уште еден дел којшто има влијание, конкретно минатата година околу 7,5 проценти, тоа е трошокот за повластени производители на електрична енергија, тоа се производители од обновливи избори на енергија коишто користат повластени тарифи и има законска обврска да им се откупи нивната електрична енергија. Во овој момент додека не се одржи тендерот на кој ЕЛЕМ треба да понуди на ЕВН хоум не можеме да кажеме каква би била цената на електричната енергија.
Регулаторната комисија предложи да се зголеми опфатот на ранливи категории на потрошувачи кои се соочуваат со енергетска сиромаштија. Се работеше на база на податоци со ранливи граѓани кои не се во можност да ги платат своите сметки, првичните податоци се очекуваа до мај. До каде е таа работа?
РКЕ даде предлог да се зголеми опфатот на ранливи категории на потрошувачи и она што го имаме ние како податоци во комуникација со операторот на електродистрибутивниот систем, тоа е Електродистрибуција, се покажа дека најголем дел од потрошувачите коишто во моментов користат субвенции од државата од 1000 денари месечно, нивните енергетски податоци не се совпаѓаат со нивните податоци врз основа на коишто примаат субвенција. Тоа значи дека живеат во домови кои не се во нивна сопственост и се наоѓаат во сопственост на други луѓе и броилата се на име на сопствениците на живеалиштата во коишто живеат. Некаде околу 70 проценти од тие 34-35 илјади граѓани, домаќинства, коишто во моментов примаат социјална помош, енергетски е многу тешко да ги пронајдеме, значи Електродистрибуција не може да ги пронајде, затоа што сопственикот на броилото е сосема друго лице, а тој што прима социјална помош не можеме да го вкрстиме со броилото. Тоа е сериозна работа којашто треба да се заврши, инаку законски, секој потрошувач, секое домаќинство, кога ќе се промени сопственоста на станот, е должен за тоа да го извести операторот на електродистрибутивниот систем. Но, како и да е, нашата иницијатива е прифатена од страна на владата, формирана е работна група којашто треба да најде конкретен начин како да им се помогне на овие ранливи категории потрошувачи, како да се зголеми опсегот на ранливите категории потрошувачи.
Вие барате Регулаторната комисија да ја одредува и цената на водата. Зошто вие, а не општините како и досега?
И во овој момент Регулаторната комисија за енергетика ги определува водните тарифи за соодветните дејности, но РКЕ има ингеренција единствено да даде минимална и максимална цена, односно тарифа, којашто понатака во рамките на оваа минимална и максимална тарифа ги потврдува советот на општината. Вообичаено се случува кој најголем дел од овие комунални претпријатија кои вршат води услуги да ја одбираат минималната тарифа и сето тоа понатака се одразува во квалитетот на испорака на вода за пиење до граѓаните. Значи ние кога зборуваме за поскапување кое би го правела Регулаторната комисија за енергетика, зборуваме за поскапување од 10-15 денари за месечно ниво. Не може никој да ме убеди дека едно домаќинство е побогато или посиромашно за 10 до 15 денари зголемен трошок за вода на месечно ниво. Ние немаме никаков притисок во тој дел, а членови на Советот се од различни политички партии и мнозинството секогаш се труди да донесе условно кажано популарна одлука. Но знаете дека во изминатиот период има доста општини каде што има прекин во водоснабдувањето. Во тој период секое домаќинство сигурно ќе си купи флаша вода од продавница. Едно шише вода не е под 15 денари, е толку е заштедата што ја кажуваат. Многу е битно со тие средства коишто многу значат за овие јавни комунални претпријатија да може да инвестираат, да го подобруваат квалитетот и се разбира да влијаат на намалување на загубите на вода, коишто во овој сектор, и според извештајот на Државниот завод за ревизија, се енормни и во некои општини изнесуваат до 80 проценти. За која стратегија зборуваме ако имаме загуби на вода од 80 проценти. Тоа е како во некоја фабрика за автомобили да произведете 100 автомобили, а 80 да ви бидат проблематични, значи нема тука бизнис, нема ништо сериозно. Од тие причини предлагаме РКЕ како независно тело коешто е веќе етаблирано и функционира 17-18 години, како што определува цени и за електрична енергија, и за природен гас, и за топлинска енергија, истото да го прави и за водата односно да ја каже конечната цена за секое претпријатие. На тој начин ќе го релаксираме и притисокот на политиката врз работењето на овие јавни комунални претпријатија. Исто така треба да се знае дека со нашата методологија ние ја поттикнуваме ефикасноста во работењето и ние нема да признаваме број на вработени колку што има во моментов во овие јавни претпријатија.
Лани најавивте нов Закон за градба со кој ќе се предвиди секоја нова зграда да има приклучок на парно. До каде е со тоа?
Ние ги доставивме нашите предлог-измени до Министерството за транспорт и врски, коишто во најголем дел се прифатливи и за нив, но работат и на дополнителни измени во Законот за градба. Ние не отстапуваме од овој наш предлог и кажуваме дека, не само во градот Скопје, туку и во секоја општина, ќе треба да се изврши мапирање на секој дел од општината и да се знае кој дел од општината на што ќе се грее. Таму каде што има можност за топлинска енергија и каде што постои инфраструктура, донесена е цевка за приклучување на системот за топлинска енергија, тие згради ќе мора да се приклучуваат на овој систем и да ја користат топлинската енергија, бидејќи на тој начин ќе имаме многу поголем број на потрошувачи коишто користат топлинска енергија и со тоа цената на топлинската енергија ќе се намалува. Значи, целта е да се рационализира потрошувачката на кој било енергенс што го имаме во државата.
Целото интервју со претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.