Австрија ќе испрати дополнителни милион вакцини за земјите од Западен Балкан

Австрискиот канцелар Себастиан Курц

Австрија планира да испрати милион дози вакцини против Ковид19 на земјите од Западен Балкан, дополнително од дозите кои ги праќа во регионот во име на Европската унија. Канцеларот Себастиан Курц го кажа ова денеска во Виена по самитот со земјите од Западен Балкан кои не се членки на Европската унија. На него присуствуваа претставници на Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Албанија како и специјалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак.

Во април Австрија се обврза дека ќе испорача 651 000 доза од вакцината на Фајзер/Бионтек за шесте балкански земји до крајот на август во име на ЕУ.

"Покрај ова ние исто така сакаме да помогнеме билатерално, како Република Австрија и како влада одлучивме дека ќе им доставиме милион вакцини на земјите од Западен Балкан“, рече Курц на прес конференција по самитот во Виена.

Овие дози ќе бидат доставувани од август до крај на годината, додаде австрискиот канцелар без да каже која држава колку вакцини ќе добие. Во почетокот, додаде тој, донираните вакцини ќе бидат главно од производителот АстраЗенека.