Заев- со Јанев и Радев направивме голем европски исчекор

Софија- средба на македонскиот премиер Зоран Заев и бугарскиот службен премиер Стефан Јанев, 17.06.2021

Македонскиот премиер Зоран Заев кој денеска учествуваше на Самитот за Западен Балкан во Виена на прес конференцијата во австрискиот главен град рече дека Западен Балкан е преморен од историски недоразбирања и затоа како современи политичари треба да гледаат напред и да бидат насочени кон решенија.

„Утрово слетав во Виена од Софија. Вчера таму во Софија, со премиерот и претседателот на Бугарија, Јанев и Радев, направивме голем европски исчекор. Ја враќаме довербата меѓу двете држави и меѓу нашите многу блиски, би рекол, братски народи. Македонско-бугарскиот пријателски дијалог е повторно на сила. Верувам дека низ овој процес Западен Балкан на Европа наскоро ќе ѝ донесе нова позитивна вест и барам поддршка од сите вас на тој пат. Европската перспектива мора да го победи евроспектицизмот“, рече Заев.

Премиерот вчера придружуван од министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров во Софија се сретнаа со бугарскиот службен премиер Стефан Јанев и претседателот Румен Радев и со претставници на политички партии.

На заедничката прес конференција Јанев рече дека делегацијата на Заев дошла со конкретен предлог, што ќе го разгледале сеопфатно и професионално во наредните денови. Заев пак зборуваше за содржината на патоказот, кој според португалскиот предлог за деблокирање на македонските европски интеграции, треба да го достави македонската страна. Тој рече дека во патоказот се содржани работи поврзани со секторската соработка во сите можни области, со конкретни рокови, конкретни институции, а дека разговарале и за интензитетот на работата на историско-образовната комисија.

Заев на Самитот за Западен Балкан во Виена учествуваше на покана на австрискиот канцелар Себастијан Курц, а беше придружуван од заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров.