Пахор- една од првите задачи на претседавањето со ЕУ ќе биде деблокирање на С. Македонија

Претседателите на Словенија и Северна Македонија, Борут Пахор и Стево Пендаровски во Скопје, 25 септември 2020

Словенечкиот претседател Борут Пахор денеска рече дека една од првите задачи при претседавањето на Словенија со ЕУ ќе биде деблокирање на почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија. Според него, тоа е „морално прашање“.

„Мислам дека треба да најдеме начин Бугарија да и даде зелено светло на Македонија“, изјави Пахор за словенечката новинска агенција СТА.
Како што пренесува агенцијата словенечкиот претседател рекол дека „тоа сега е морално прашање за Европа, а не само политичко“.

Неговата земја го презема ротирачкото шестмесечно претседавање со Унијата на први јули. Актуелен претседавач со ЕУ е Португалија, чиј министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва заедно со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, минатиот месец во Скопје и во Софија донесоа предлог за деблокирање на македонските европски интеграции врз чија основа се води сега дијалогот меѓу Бугарија и Македонија.

„Свесен сум дека нема да биде лесно, освен тоа, се чини дека има уште повеќе можности Албанија да добие зелено светло“, рече Пахор, но додаде дека од гледна точка на Скопје, ова би било доста трагично.

Тој додаде дека напредокот во проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е важен за стабилноста на регионот и дека ситуацијата сериозно ја покажува неодамнешниот указ на американскиот претседател Џо Бајден за замрзнување на имотот и забрана на секој што придонесува за дестабилизација на тоа подрачје.