Приклучувањето на Украина во НАТО ќе биде „црвената линија“ за Русија, соопшти денеска Кремљ, еден ден по средбата на американскиот претседател Џо Бајден со неговиот руски колега Владимир Путин во Женева. Портпаролот на Кремљ Дмитри Песков изјави дека Русија е загрижена од разговорите дека еден ден на Украина може да и се даде Акциски план за членство- прв чекор кон Алијансата.
Песков изјави дека Москва внимателно ги следи чекорите на Украина за влез во Алијансата.
„Ова е нешто што ние многу внимателно го следиме и за нас тоа е навистина црвената линија- што се однесува на можноста за влез на Украина во НАТО. Се разбира ова прашање за план за членство на Украина предизвикува загриженост“ изјави денеска Песков.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 14 јуни годинава изјави дека сака да слушне јасен одговор „да или не “ од Бајден за дали Украина ќе добие Акциски план за членство во НАТО.
Но, Бајден изјави дека Киев треба да ја искорени неконтролираната корупција за да може да почне со исполнување на други критериуми со цел приклучување кон Алијанса.
САД обезбедија над 2.5 милијарди долари помош за Украина во 2014 година, кога Русија нелегално го анектираше украинскиот полуостров Крим и ги поддржа сепаратистите на истокот, предизвикувајќи граѓанска војна во која загинаа над 13 илјади луѓе.
Тензиите меѓу Русија и Украина се во раст во последниве месеци откако двете земји меѓусебно се обвинија за борбите во Источна Украина, како и во застојот на мировните разговори меѓу Киев и сепаратистите поддржани од Кремљ.
Русија пред неколку месеци постави воена трупа од 100 илјади војници на западната граница со Украина и Крим. Потег што беше осуден од Западот иако, Москва тврдеше дека станува збор само за воена вежба. Неколку недели подоцна Русија ги повлече војниците, но Вашингтон и Украина соопштија дека тоа не е направено во целост.
За руско-американските односи, Песков изјави дека средбата во Женева е во знакот плус. Бајден и Путин се договорија преку редовни разговори да се обидат да ги постават темелите на идните договори за контрола на оружјето и намалувањето на ризикот
„Но, сè уште има разлики меѓу нашите две држави“ заклучи Песков.
Заменикот министер за надворешни работи Сергеј Рјаков во засебно интервју објавено на веб страницата на руското министерство истакнал дека очекува разговорите за контрола врз оружјето да стартуваат за неколку недели