Ден откако бугарската службена влада одлучи да нема промена на позицијата за преговарачката рамка за Македонија со Европската унија, од онаа позиција за блокада што ја воспостави претходната политичка влада предводена од Бојко Борисов, македонската делегација допатува во Софија.
Првата средба на премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Никола Димитров беше со Борисов, сега лидер на ГЕРБ.
„Ќе имате многу средби денеска. Јас сум убеден, бидејќи ги познавам луѓето со кои ќе се сретнете, особено Радев, дека ќе ви кажат дека без парламент ништо не може да се направи. Сегашната службена влада ги има сите права и може да преговара со вас. Нов договор, ако нашиот не им се допаѓа. Но тие ќе избегаат од одговорност, како што секогаш прават. Истовремено ќе ги лажат евроатланските парнтери дека се за членство на Северна Македонија во Европската унија“, рече Борисов.
Видете и ова: Заев, Димитров и Османи во СофијаСо него на средбата беа и поранешната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева и Даниел Митов кој беше мандатар за составување на новата бугарска влада по пролетните избори, но го врати мандатот откако не успеа да формира кабинет. Тој пред средбата за бугарската агенција БГНЕС рече дека Бугарија има јасни позиции и дека тие не се недостижни за Република Северна Македонија и може да се оди напред, но како што рече со сериозна и легитимна влада кога ќе има таква во Бугарија.
„Дојдете да зборувате со Бугарија. Меѓународниот притисок нема да ви помогне“, рече Митов.
Од македонската влада, пак, информираа дека за време на средбата со Борисов било речено дека службената влада на Република Бугарија ја има целата надлежност и уставна можност да решава актуелни отворени прашања.
„Решението е некаде тука, околу нас. Треба да го најдеме. Секој пат се надевам дека разговорите ќе бидат успешни, но дури и да не успееме овојпат пак ќе направиме некој чекор напред и ќе се надеваме следниот пат да успееме“, рече Заев за бугарската агенција БГНЕС пред средбата со поранешниот бугарски премиер.
На агендата за средби на македонската делегација покрај лидери на политички партии се и претседателот Румен Радев и премиерот Стефан Јанев. Истовремено додека во Софија се одржуваше средбата со Борисов, во Анталија македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи се сретна со неговиот бугарски колега Светлан Стоев.
“Членството на Северна Македонија во ЕУ е стратешки интерес на Република Северна Македонија и Република Бугарија и убедени сме дека двете држави и двете општества ќе изнајдат сили за да ги надминат предизвиците и недоразбирањата, врз основа на европските вредности и поттикнати од силната верба во заедничката иднина, како дел од семејството на европските демократски народи”, рече Османи кој од Анталија заминува за Софија да се придружи на Заев и Димитров.
Видете и ова: Пред посетата на Заев, бугарската влада одлучи да не ја менува позицијатаНо, уште пред да тргне македонската делегација за Софија на разговори за можноста за деблокирање на евроинтеграцијата на самитот на Европската унија кој треба да се одржи на 22 јуни, бугарската влада соопшти дека нема промена во позицијата.
„Во делот на политиката за проширување на Европската унија и европската перпсектива на Република Северна Македонија во прифатената од владата позиција се посочува дека Бугарија се придржува до Декларацијата на Народното собрание од 10 октомври 2019 година и до Рамковната позиција за европската перспектива на Република Северна Македонија прифатена од Владата на 9 октомври 2019 година и позицијата на Бугарија за преговарачката рамка и одржувањето на Првата меѓувладина конференција со Република Северна Македонија останува непроменета. Преговарачката рамка за присоединувањето на Република Северна Македонија кон ЕУ треба да ги содржи неопходните гаранции во однос на исполнувањето на Договорот од 2017 година кои во моментов не ги гледаме. Не се исполнети барањата за одржување на Меѓувадината конференција“, објави синоќа бугарското Министерство за надворешни работи.
Бугарија ја блокираше македонската европската интеграција лани со забелешки дека не се исполнува Договорот за пријателство кој беше потпишан во 2017 година. Бугарските забелешки главно се поврзани со историски прашања. Источниот сосед пролетва одржа избори па официјални контакти за наоѓање решение меѓу двете земји беа речиси замрзнати поради предизборниот период. Минатиот месец релациите ги помрдна португалскиот предлог кој во Софија и Скопје го доставија еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва врз чија основа се правеше обид да се дојде до решение со кое ќе се деблокираат македонските европски интеграции. Сега соседната земја ја води службена влада, поради изборните резултати по кои не можеше да се формира политичка влада, а нови избори се закажани за 11 јули.