Заев, Димитров и Османи во Софија

Никола Димитров, Бујар Османи и Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев, придружуван од заменик претседателот на Владата, Никола Димитров и од министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска ќе остварат работна посета на Софија. Според соопштението на владината прес-служба, целта на посетата е интензивирање на напорите за изнаоѓање решенија за отворените прашања и за деблокада на европската интеграција на Северна Македонија. Пред посетата, вчера бугарската влада ја одобри државната позиција за учество на заседанието на Советот за општи работи кое ќе се одржи на 22 јуни и наведе дека позицијата за преговарачката рамка за Северна Македонија е непроменета.

Бугарска влада - Не се исполнети условите за Меѓувладината конференција на ЕУ со С. Македонија

Претходно бугарскиот премиер Стефан Јанев изјави дека Софија не ја поддржува сегашната преговарачка рамка со Северна Македонија. „Не мислам дека Бугарија е во ситуација да отстапи или да прави компромиси со позицијата. Не само службената влада, но и парламентот со декларацијата од 2019 година даде јасни насоки каква е бугарската национална позиција“, рече Јанев.


Заев: Ќе ја искористиме желбата за разговори со Бугарија

Инаку, премиерот Заев и владината делегација, како што е најавено во Скопје, треба да остварат работни средби со шефот на државата Румен Радев и со премиерот Стефан Јанев, како и со претставници на поголемите политички партии во земјата. Заев на НАТО самитот 2021 во Брисел оствари средба со Радев, на која во фокусот беше „перспективата за постигнување на реален исчекор во процесот на европската интеграција на Северна Македонија. На средбата беше договорена и посетата на Софија. На 23 јуни треба да се одржи самит на ЕУ на кој ќе се разгледува можноста за почеток на преговорите на Северна Македонија и Албанија, во услови кога членката на блокот Бугарија го блокира почнувањето на процесот со Северна Македонија.