Министерот за здравство Венко Филипче вели дека одлуката на Европската унија за олеснување на патувањата на нашите државјани доаѓа по стабилизацијата на состојбата со вирусот во државата. Но на официјалниот Фејсбук профил предупредува дека пандемијата сè уште не е завршена и оти граѓаните треба да се придржуваат кон мерките за заштита.
Објавата на министерот доаѓа по денешната одлука на амбасадорите на ЕУ да се укинат рестрикциите за несуштински патувања за државјаните на неколку земји, меѓу кои и за Северна Македонија, Одлуката треба да биде формално објавена во Службениот весник на ЕУ со што ќе стапи на сила, најверојатно во петок, јави дописничката на МИА од Брисел.
Европската унија треба постепено да ги олесни корона ограничувањата за влез за патниците од САД и седум други земји по договорот од средата меѓу 27-те земји-членки.
Патниците од САД, Албанија, Хонг Конг, Либан, Макао, С.Македонија, Србија и Тајван треба полесно да влегуваат во Унијата, изјави португалското претседателство со ЕУ за германската агенција ДПА.