Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска пред собраниската Комисија за надворешна политика, реферираше за преговорите што се водат со Бугарија за изнаоѓање решение за деблокирање на интеграцијата на Македонија во ЕУ. Опозицијата, пак, обраќањето на Османи го оцени како задоцнети и дека требало да се случи многу порано.
Претседателот на Комисијата, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, рече дека Комисијата би дала Предлог-заклучоци до Собранието, да донесе резолуција со која, што ќе се отфрли Декларацијата усвоена на 10 октомври 2019 година од страна на Собранието во Бугарија како спротивна на Договорот меѓу Бугарија и Македонија, потпишан на 1 август 2017 година.
Тој вели дека како втор заклучок, Собранието треба да утврди став за итно и безусловно отпочнување на преговорите со ЕУ со преговарачка рамка, која што нема да биде оптоварена од било какви билатерални спорови, кои што не припаѓаат во европските вредности и стандарди. Трета точка, како предлог-заклучок, Собранието да утврди општ став во кој прашањето за образованието, историографијата и културата се дефинираат како суверени права на секоја држава, а соодветно на тоа надвор од сите норми е да се преговара за посебноста и генезата на македонскиот народ и историскиот континуитет на нацијата, рече Милошоски.
Министерот Османи рече дека со внимание ги слушал излагањата и дека бил поканет да даде извештај за преговорите со Бугарија, но оти не бил информиран дека се предлагаат заклучоци.
„Ниту сме во состојба, ниту сметам дека е можно за 15 минути да се изгради став за вакви прашања. Барам да не се пристапи кон гласање на овие заклучоци и да се продолжи со коректниот пристап и дебатата“, рече Османи.
Заради немање кворум, Милошоски рече дека не може да се изјаснат по предложените заклучоци и ја прекина работата на Комисијата, посочувајќи дека ваквото напуштање на седницата, само дополнително ќе ја зголеми недовербата.
Министерот Османи, во своето обраќање пред Комисијата, посочи дека се подготвени на искрени разговори со добра волја за постигнување на взаемно прифатливо решение со соседот Бугарија, но не по секоја цена и не на штета на државните интереси.
Во меѓувреме Бугарската влада соопшти дека не се исполнети условите за Меѓувладината конференција на ЕУ со С. Македонија.
Претходно два дена ВМРО-ДПМНЕ протестираше пред МНР со барање Владата и МНР да објават за што конкретно се преговара за добивање на датум за почеток на преговорите со ЕУ.