Бугарската влада ја одобри државната позиција за учество на заседанието на Советот за општи работи кое ќе се одржи на 22 јуни и позицијата за преговарачката рамка за Северна Македонија е непроменета. Ова попладнево го соопшти бугарското Министерство за надворешни работи, ден пред посетата на македонскиот премиер Зоран Заев и владини министри на Софија.
Заев, придружуван од министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот Никола Димитров утре во бугарскиот главен град ќе разговараат со службениот министер Стефан Јанев, претседателот Румен Радев и претставници на политичките партии за можноста Софија да ја деблокира македонската евроинтеграција.
Детално позицијата на бугарската влада за самитот идната недела во однос на Македонија е следнава:
„Во делот на политиката за проширување на Европската унија и европската перпсектива на Република Северна Македонија во прифатената од владата позиција се посочува дека Бугарија се придржува до Декларацијата на Народното собрание од 10 октомври 2019 година и до Рамковната позиција за европската перспектива на Република Северна Македонија прифатена од Владата на 9 октомври 2019 година и позицијата на Бугарија за преговарачката рамка и одржувањето на Првата меѓувладина конференција со Република Северна Македонија останува непроменета. Преговарачката рамка за присоединувањето на Република Северна Македонија кон ЕУ треба да ги содржи неопходните гаранции во однос на исполнувањето на Договорот од 2017 година кои во моментов не ги гледаме. Не се исполнети барањата за одржување на Меѓувадината конференција“, стои во објавата на бугарското министерство за надворешни работи.
Попладнево во интервју за БНТ и премиерот Јанев отфрли таква можност наведувајќи дека не ја поддржуваат сегашната преговарачка рамка со Република Северна Македонија.
„Не мислам дека Бугарија е во ситуација да отстапи или да прави компромиси со позицијата. Не само службената влада, но и парламентот со декларацијата од 2019 година даде јасни насоки каква е бугарската национална позиција“, рече Јанев.