Путин – Немаше непријателство, разговорот со Бајден беше конструктивен

Прес-конференција на рускиот претседател Владимир Путин по средбата со неговиот американски колега Џо Бајден

Немаше непријателство за време на состанокот и разговорот беше прилично конструктивен, изјави рускиот претседател Владимир Путин по средбата со американскиот претседател Џо Бајден во Женева.

„Нашата проценка за многу прашања се разликува, но според мене, двете страни покажаа желба да се разберат меѓусебно и бараат начини да се приближат“, рече Путин.

Рускиот претседател рече дека со Бајден се договориле да ги вратат своите амбасадори на нивните места, во обид да се намалат тензиите, но засега нема потврда за тоа од Белата куќа.

Рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов, беше повлечен од Вашингтон пред околу три месеци откако Бајден го опиша Путин како убиец.

Американскиот амбасадор во Русија, Џон Саливан ја напушти Москва пред речиси два месеци, откако Русија му предложи да се врати во Вашингтон на консултации.

Претседателите се сретнаа прво на еден помал состанок, а потоа им се приклучија и други претставници од двете земји.

Првата рунда разговори меѓу Бајден и Путин во Вила де ла Гранж во Женева траеше 90 минути и присуствуваа само претседателите, двајцата министри за надворешни работи Ентони Блинкен и Сергеј Лавров и двајца преведувачи. Средбата потоа продолжи во поширок формат со делегации од двете земји.

Средбата Путин- Бајден доаѓа во време кога односите меѓу двете земји се на најниско ниво од Студената војна.