Заврши Самитот Бајден - Путин

Белата куќа соопшти дека состанокот меѓу американскиот претседател Џо Бајден и неговиот руски колега Владимир Путин завршил по четиричасовни разговори.

Видео снимките по состанокот го прикажаа Бајден како излегува од вилата крај Женевското Езеро каде што се одржа состанокот.

Се очекува двајцата претседатели да одржат одвоени прес-конференции.
Претседателите се сретнаа прво на еден помал состанок, а потоа им се приклучија и други претставници од двете земји.

Самитот доаѓа во време кога односите меѓу Русија и САД се на најниско ниво од Студената војна и само неколку месеци откако Бајден рече оти верува дека неговиот руски колега е убиец.

Првата рунда разговори меѓу Бајден и Путин во Вила де ла Гранж во Женева траеше 90 минути и присуствуваа само претседателите, двајцата министри за надворешни работи Ентони Блинкен и Сергеј Лавров и двајца преведувачи. Средбата потоа продолжи во поширок формат со делегации од двете земји.

Бајден пред состанокот рече дека станува збор за дискусија меѓу „две големи сили“ и оти секогаш е подобро да се сретнат во живо. Путин изрази надеж дека разговорите ќе бидат продуктивни.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Бајден и Путин се состанаа во Женева

Самитот доаѓа во време кога Путин продолжува да ја консолидира својата доминација на руската политичка сцена, вршејќи притисок врз опозициските активисти, како затворениот Алексеј навални и задушувајќи ги независните медиуми и невладини организации во пресрет на парламентарните избори во земјата во септември.

Портпаролката на Бајден, петтиот американски претседател кој се среќава со Путин, изјави дека Белата куќа „ниту сака да ги ресетира односите со Русија, ниту сака да ги заостри“.

Сепак, Бајден зазема поостар став отколку неговиот претходник Доналд Трамп. Од преземањето на функцијата во јануари, Бајден воведе две рунди економски санкции против Русија, но се согласи на продолжување на новиот договор СТАРТ за контрола на оружјето.