Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска имаше средба со министерот за надворешни работи на Словенија, Анже Логар на маргините на Глобалниот безбедносен форум „ГЛОБСЕК 2021“ во Братислава. Тој на средбата, според соопштението, добил уверување дека Западниот Балкан ќе биде многу важно прашање за претстојното претседателство на Словенија со ЕУ.
Логар, како што се наведува, потенцирал дека клучното прашање на неформалните и највисоките можни политички дискусии ќе биде Самитот за Западен Балкан, со што прашањето за земјите од Западен Балкан ќе биде на врвот на дневниот ред во ЕУ. Соговорниците заклучиле дека оваа тема е од стратешко значење за ЕУ, не само за Словенија, туку и за регионот.
„Во разговорот со словенечкиот соговорник, поради фактот што Словенија ќе го преземе кормилото со Советот на ЕУ наредниот месец, доминираше темата за приоритетите на словенечкото претседателство, особено проширувањето на ЕУ кое што е високо на нивната агенда“, се посочува во соопштението на МНР.
Како што информираат од МНР, на средбата се зборувало и за развојот и потенцијалите на билатералните односи, но доминираа темите поврзани со европската агенда на Северна Македонија, тековните дискусии за преговарачката рамка за земјата, како и за нашите очекувањата за одржување на првата Меѓувладина конференција во рамките на протугалското претседателство со Советот на ЕУ.
Премиерот Зоран Заев, придружуван од заменик претседателот на Владата, Никола Димитров и од министерот за надворешни работи Бујар Османи на утре ќе остварат работна посета на Софија.