С.Македонија, Србија и Албанија на листата на ЕУ за „безбедни држави“ од ковид-19

Илустрација

Амбасадорите на земјите членки на ЕУ донесоа одлука Северна Македонија, Србија и Албанија да бидат ставени на листата на безбедни земји за ковид-19. Препораката би требало да биде усвоена во петок кога и официјално ќе стапи на сила и тоа ќе значи дека жителите на трите земји ќе можат слободно да патуваат во ЕУ.

ЕУ секои две недели расправа за епидемиолошката ситуација во секоја од таканаречените трети земји и се ажурира листата со оние држави за кои се смета дека се безбедни за нивните жители да патуваат во ЕУ. За да се добие статус на безбедна држава, мора да се евидентираат максимум 75 позитивни случаи на коронавирус на 100.000 жители во последните 14 дена во земјата.

Имено, претседателството на ЕУ, Португалија, состави список на земји чии податоци покажуваат можност за вклучување на овие земји во категоријата „безбедни земји“ во врска со пандемијата на ковид-19. Покрај трите земји од Западен Балкан, на списокот се и САД, Хонг Конг, Макао, Саудиска Арабија и Тајван.

Денешното гласање и претстојното во петок не е правно обврзувачко, меѓутоа со него формално се укинува забраната за патување од трети земји кои влегуваат во листата на безбедни држави. Патувањето за граѓаните на безбедната листа е слободно, но тоа не ја исклучува можноста земјите членки на ЕУ индивидуално да одлучуваат и да побараат мерки од патниците на овие земји како што се тестирање и карантин. Здравствените мерки се во надлежност на секоја земја членка на ЕУ, така што и правилата се одредуваат без координација на ниво на ЕУ. Но, од почетокот на пандемијата на ковид-19 за укинувањето на рестрикциите за патувањата на граѓани од трети земји се одлучуваше координирано.

Во мај, Советот на ЕУ формално ги укина ограничувањата за несуштински патувања за државјани на трети земји кои биле вакцинирани со сите дози на вакцината против ковид-19, која вклучува граѓани на Западен Балкан. Сепак, на граѓаните на оние земји кои не се на безбедната листа им е потребна согласност од земјата домаќин, додека дозвола не е потребна во случај да доаѓа од земја што се смета за безбедна. Прашањето за здравјето е во национална надлежност на секоја земја-членка, затоа, дури и во случај некои земји да бидат прогласени за безбедни, секоја земја на ЕУ има право да воведе мерки за борба против коронавирусот.