Македонскиот премиер Зоран Заев денеска на НАТО Самитот 2021 во Брисел оствари средба со бугарскиот претседател Румен Радев, на која во фокусот била „перспективата за постигнување на реален исчекор во процесот на европската интеграција на Северна Македонија, а било договорено и Заев оваа недела да ја посети Софија, соопшти македонската Влада.
Радев ја подвлекол „принципиелната и континуирана поддршка“ на Република Северна Македонија во ЕУ, како и очекувањето на Бугарија за непосреден и активен политички дијалог низ кој ќе бидат разрешени отворените прашања и меѓусебните односи, се вели во владиното соопштение.
На средбата присуствувале и заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, како и министерот за одбрана на Бугарија, Ѓеорги Панајотов.
Во соопштението на Владата се вели дека Радев и Заев го истакнале „позитивниот знак во односите меѓу двете земји“ кој бил постигнат за врме на заедничката посета во мај меѓу Радев и македонскиот претседател Стево Пендаровски.
Инаку, денеска во Брисел се одржа Самитот на НАТО 2021, што беше прв на кој учествуваше Северна Македонија како земја членка на Алијансата.
На средбата меѓу Заев и Радев била истакната и заедничката волја за постигнување на одржливи резултати во градењето на добрососедски односи на Бугарија со Северна Македонија, се вели во владиното соопштение во кое се додава дека дел од разговорите била и можноста за проширување на соработката во областа на воената обука и билатералното партнерство во областа на безбедноста и одбраната.
„На средбата беше договорена посета на премиерот Заев на Софија, која е предвидена да се случи оваа недела“, се вели во Соопштението.
На 23 јуни треба да се одржи самит на ЕУ на кој ќе се разгледува можноста за почеток на преговорите на Северна Македонија и Албанија, во услови кога членката на блокот Бугарија го блокира почнувањето на процесот со С.Македонија.