Путин негира дека Русија извршила сајбер напад кон САД

РУСИЈА - Новинарот на Ен-Би-Си Кир Симонс разговара со рускиот претседател Владимир Путин во интервју емитувано на 14 јуни 2021 година.

Рускиот претседател Владимир Путин го оцени како „гротескно“ мислењето дека Москва води сајбер војна против САД во интервју за американската телевизија Ен-Би-Си објавено денеска, во пресрет на средбата со неговиот американски колега Џо Бајден во Женева.

„Тие нè обвинуваат за секакви работи, како мешање во изборите, сајбер напади“, рече рускиот претседател и додаде дека „тие никогаш не се обиделе да дадат ни најмал доказ за тоа“.

Неколку големи американски компании, како гигантот за месо ЏБС или операторот на големиот американски нафтовод „Колонијал пајплајн“ неодамна беа мета на сајбер напади кои им се припишуваат на групи хакери со седиште во Русија.

Бајден на почетокот на јуни рече дека не исклучува возвратни мерки против Русија по хакирањето на ЏБС, а Белата куќа потврди дека ќе дискутира за американската загриженост околу тоа на самитот со Путин на 16 јуни во Женева, што е прв состанок на двајцата претседатели.

Во интервјуто рускиот претседател зборуваше и за можната за размена на затвореници меѓу Русија и Соединетите држави и рече дека е отворен за таква можност.

„Да, да, секако“, рече тој на прашањето за можното истовремено ослободување на Американците затворени во Русија, Пол Вилан и Тревор Рид и Русите кои се во притвор во САД.