Протест на ВМРО-ДПМНЕ: Владата и МНР да кажат за што преговараат

Архива - Протест на ВМРО-ДПМНЕ пред Собранието во Скопје.

ВМРО-ДПМНЕ денеска одржа протест прд Министерството за надворешни работи. Протестот се одржа во пресрет на седницата на собраниската Комисија за надворешни работи закажана за среда во 15 часот со која претседава пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата бара МНР и Владата да објават за што конкретно се преговара за добивање на датум за почеток на преговорите со ЕУ.

„Од седницата в среда бараме конкретни информации од министерот Османи, да го сослушаме и да видиме што има да ни каже нам, како претставници на народот во тој Парламент, околу тоа за што и како преговараат. Според Устав, Македонија е независна и суверена држава и секој што ќе се одлучи ова да го прекрши, односно ќе се обиде за дел од таа декларација на Бугарија, ќе значи дека го нарушува Уставот и за тоа еден ден секако ќе одговара“, изјави на протестот пратеничката Дафина Стојановска.

Инаку шефот на дипломатијата Бујар Османи соопшти дека ќе одговори на барањето на опозицијата да присуствува и да реферира по единствената точка од дневниот ред – Разгледување на прашањето за почеток на пристапните преговори со ЕУ за време на португалското претседателство, а во контекст на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија.

Минатата недела ВМРО-ДПМНЕ блокираше крстосници во центарот на Скопје, а Извршниот комитет на партијата викендов одлучи да протестираат денеска и утре од 17 до 19 часот.