Заев - Самитот на НАТО се одржува во клучен момент за Алијансата

Брисел- македонскиот премиер Зоран Заев и полскиот претседател Анджеј Дуда на средба на маргините на самиотот на НАТО, 14.06.2021.

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека Самитот на НАТО се одржува во клучен момент за НАТО Алијансата и за „нашата колективна безбедност.“ Инаку, започна работата на пленарната седница на Северноатлантскиот совет на НATO Самитот 2021 на која учествуваше и Заев.

„Во ерата на новите поместувања на глобалната безбедносна сцена ги засилуваме нашите позиции наспроти предизвиците, за заедно да донесеме одлуки на стратешко ниво за понатамошно прилагодување на НАТО“, изјави Заев.

Заев на самит на НАТО- заедно ќе носиме стратегиски одлуки за прилагодувањето на Алијансата

Тој додаде дека лидерите на НАТО се согласни дека ниту една земја не може „сама да се справи со овие предизвици.

„Трансатлантското единство и солидарност се од витално значење за да се одржат нашите нации безбедни. Сега имаме историска можност да ја зајакнеме врската меѓу Европа и Северна Америка и да го подготвиме НАТО за иднината и затоа иницијативата НАТО 2030 за продолжување на адаптацијата на нашата Алијанса е во срцето на Самитот“, вели Заев.

Во изјава за медиумите, Заев исто така рече дека првиот НАТО самит со 30 земји членки е „историски момент за Северна Макаедонија.“

„Ова ни е прв самит на НАТО како полноправна членка. Ова е голем успех за нашата држава и голем успех за НАТО. Денес стоиме рамо до рамо со нашите сојузници и сведочиме за потврдата на единството, кохезијата и солидарноста на Алијансата. Трансатлантското партнерство е силно како никогаш порано. Пред нашите НАТО сојузници истакнавме дека Северна Македонија е посветена на визијата за Балканот на 21 век, како регион на мир и стабилност. Посветени сме да изградиме нов Балкан со зајакната регионална соработка“, рече Заев.

Тој додаде дека верува оти сите земји од Западен Балкан треба да имаат јасна европска и евро-атлантска перспектива и дека се потребни кредибилни и засилени процеси на интеграција за да нема „безбедносен вакуум на Балканот.

„Сакам да му се заблагодарам на генералниот секретар Столтенберг за неговото водство во креирањето на НАТО 20-30 агендата, во соработка со НАТО сојузниците, како и за широките и инклузивни консултации со сите засегнати страни во тој процес. Агендата НАТО 20-30 навремено ги адресира промените во стратешкото опкружување и го прави НАТО подготвен за 21 век“, вели Заев.