Македонскиот премиер Зоран Заев кој е во Брисел на самитот на НАТО, прв од кога земјава е членка на алијансата, во рамките на своите дополнителни активности се сретнал со претседателот на Република Полска Анджеј Дуда, информираат од владината прес служба.
На средбата на која присуствувале и министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи Бујар Османи, како посебно значајна била оценета иницијативата на Полска и на земјите од Вишеградската група да приложат документ на претстојната Конференција за иднината на Европа во кој силно се поддржува пристапувањето на земјите членки на Западен Балкан во ЕУ.
„Премиерот Заев го запозна полскиот претседател Дуда со главните поенти од документот на португалското претседателство со ЕУ како предлог за решение на ветото на Република Бугарија за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, кој нашата Влада го оцени како добра излезна основа за деблокирање и за организирање на првата меѓувладина конференција на нашата земја со ЕУ за почеток на преговарачкиот процес по поглавја“, наведуваат од владината служба за односи со јавноста.
За португалскиот предлог со министерот за надворешни работи на Кралството Холандија, Сигрид Кааг разговарал и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.
„Двајцата министри покрај безбедносните предизвици разговараа и за европското досие на Република Северна Македонија, особено можностите за заокружување на одлуката на Советот за почеток на преговорите за време на португалското претседателство. Министерката Кааг во оваа прилика истакна дека Холандија го поддржува португалскиот предлог за надминување на проблемот со Бугарија“, информираат од владата.
Кон крајот еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и Аугусто Сантош Силва, министер за надворешни работи на Португалија, земја која во моментов претседава со Европската унија во Скопје и Софија донесоа предлог за решавање на отворените прашања меѓу двете земји со цел Бугарија да ја деблокира македонската евроинтеграција на самитот на Европската унија на 23 јуни. Од тогаш се интензивирани дипломатските релации меѓу двете земји, но и поддршката од други политичари за надминување на спорот.