Заев на самит на НАТО- заедно ќе носиме стратегиски одлуки за прилагодувањето на Алијансата

Брисел- македонскиот премиер Зоран Заев пристигнува на самитот на НАТО, 14.06.2021

Македонскиот премиер Зоран Заев, придружуван од министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска за првпат учествува на самит на НАТО откако земјава е полноправна членка. Заев пред почетокот на самитот оцени дека членството во НАТО е реализација на стратегиската цел на државата.

„Силно веруваме дека е потребно сите земји од Западен Балкан да имаат кристално јасна евроатлантска и ЕУ перспектива. Оставањето вакуум во нашиот дел од Европа не е опција. Потребни ни се предвидливи, кредибилни и повторно засилени процеси на интеграција во ЕУ и НАТО. Денес сме тука за да го потврдиме нашето единство, кохезија и солидарност. Ние исто така ќе се осврнеме на идните предизвици и заедно ќе донесеме одлуки на стратешко ниво за понатамошно прилагодување на НАТО “, рече Заев.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пак, утрово се осврна на клучните теми кои ќе бидат на маса на лидерите на земјите членки и повтори дека Западниот Балкан е од голема важност за Алијансата, јави дописничката на МИА од Брисел.

„Имаме нови земји членки од тој регион во последните неколку години, со тоа докажавме дека вратата на НАТО е отворена, Северна Македонија и Црна Гора се нови земји членки, но имаме и партнери во другите земји од регионот и уште го имаме КФОР во Косово, присутни сме и продолжуваме да помагаме да го стабилизираме регионот“, изјави Столтенберг во интервју посветено на иднината на НАТО во наредните 10 години.

Северна Македонија во март 2020 година стана 30-та членка на НАТО. Аспирацијата да биде дел од воениот сојуз беше стопирана на самитот на алијансата во 2008 година во Букурешт, кога Грција стави вето поради нерешениот спор за името. На 17 јуни 2018 година Скопје и Атина го потпишаа Договорот од Преспа со кој земјава стана Северна Македонија, а по завршувањето на процедурата влезе и во НАТО.