Ердоган во дводневна посета на Азербејџан

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и азербејџанскиот претседател Илхам Алиев присуствуваат на воената парада по повод победата на Азербејџан против Ерменија во нивниот конфликт за контрола над спорниот регион Нагорно-Карабах, во Баку, 10 декември 2020.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ќе престојува во дводневна посета на Азербејџан. Тој треба да присуствува на фудбалски натпревар во Баку меѓу Турција и Велс, а потоа да го посети Шуша, историскиот град во Нагорно Карабах, кој беше заземен од Азербејџан во минатогодишната војна со Ерменија. „Иншалах ќе имаме нов одмор во Шуша, по Рамазан“, рече Ердоган во март кога првпат ги објави своите планови за патувања, кои оттогаш постојано се одложуваа. Тоа ќе биде прва посета на Ердоган на Нагорно Карабах по минатогодишната војна, во која турската поддршка се покажа како критична за Азербејџан да освои многу од териториите што ги загуби од Ерменците во првата војна меѓу двете страни во 90-тите години од минатиот век.

Турција и Русија го набљудуваат примирјето во Нагорно-Карабах


„Одморот“ на Ердоган, сепак, ќе се одржи во позадина на рапидно растечкото присуство на турските деловни активности во Карабах и другите територии над кои Азербејџан ја врати контролата. Турските фирми за градежништво, рударство и енергија склучија значајни договори за помош при реконструкција на териториите. Претседателот на Азербејџан Илхам Алиев рече дека се потпишани првите договори за реконструкција со турски компании. „И ова е природно, бидејќи Турција е братска земја“, изјави Алиев.