По преговорите во Виена меѓу Иран, Британија, Франција, Кина и Русија, се намалија надежите за заживување на историскиот нуклеарен договор од 2015 година со кој Техеран беше согласен да ги намали нуклеарните програми. Главниот ирански преговарач Абас Аракачи денеска изјави дека не може да се очекува никаква одлука од Иран се додека не поминат изборите во земјата на 18 јуни.
„Лично, мислам дека не можеме да постигнеме заеднички заклучок неделава во Виена“ изјави Аракачи, јавуваат државните ирански медиуми.
Рускиот претставник Михаил Улјанов изјави дека не очекува набрзо решение.
„Ни требаат уште неколку недели за да го исчистиме престојниот текст и да ги остраниме заградите во него за секундарните теми. Треба да се сконцетрираме на тоа како ќе се спроведува договорот “ изјави Улјанов.
Во Иран на 18 јуни се одржуваат претседателски избори на кои актуелниот претседател Хасан Рохани нема право на повторно да се кандидира. Рохани беше претседател на Иран два мандати и нема право на трет. Тој во 2015 година го промовираше договорот како историски. Сега се очекува на неговото столче да седне поконзервативен наследник.
- Прогрес за нуклеарниот договор, но проблеми се уште има
- Иран: Истече договорот со нуклеарната мониторинг агенција на ОН
Според договорот, Иран вети дека ќе ги ограничи своите нуклеарни активности во замена за олеснување на меѓународните санкции. Но, Договорот беше ставен во мирување пред три години откако тогашниот претседател на САД, Доналд Трамп го повлече Вашингтон од договорот и повторно воведе санкции кон Иран. Како одговор на тоа Техеран постепено почна да отстапува од договореното.
Сегашниот претседател на САД, Џо Бајден, рече дека сака да се врати на Договорот со Иран. Преговорите во Виена имаат за цел да го вратат Вашингтон во договорот и да се натера Техеран да ги почитува условите предвидени во договорот.