Госпоѓо Петровска, деновиве во јавноста беше обелоденето дека опасни загадувачи масла биле користени за загревање на болници во земјава. Дали Државниот инспекторат за животна средина тогаш требало да постапи за ваквите случаи?
Државниот инспекторат за животна средина нема надлежност во однос на контрола на квалитет на гориво. Ние ги контролираме емисиите од инсталациите. А болниците, исто така, секундарното и примарното здравство, се во надлежност на контрола на овластените инспектори за животна средина, во делот на емисиите. Она што ние го правевме сега во овој период кога имаше една силна меѓуинституционална соработка и одлична акција, ние бевме насочени кон тоа кои инсталации, од оние коишто се во наша надлежност и во надлежност на овластените инспектори за животна средина, користеле мазут и набавувале мазут од компаниите за кои претходно биле утврдено дека во неколку наврати увезле мазут со квалитет којшто отстапува од оној што е пропишан со Правилникот за квалитет на течни горива.
Во овој момент, Инспекторатот за животна средина, исто така, утврди, а повторно ќе кажам, ние ниту не сме требало тоа да го гледаме, бидејќи горивата не се во наша сфера, само емисиите, но утврдивме, бидејќи за тоа бевме задолжени од Владата, дека во неколку инсталации е користено гориво коешто всушност е произведувано дома. Тоа е гориво произведено од инсталациите „Блу Технолоџи“ и од „Санс АГ“. Првата компанија прави рафинирање на отпадни масла и произведува таканаречен мазут, меѓутоа, тоа секако не може да биде мазут, бидејќи е рафинат од отпадни масла. Компанијата „Санс АГ“ произведувала таканаречен мазут со преработка на отпадни гуми. Ние побаравме одземање на А-Интегрираната дозвола што ја има „Блу Технолоџи“, а за „Санс АГ“ веќе и претходно минатата година побаравме одземање на Б-Интегрираната дозвола, којашто ја издала општината Штип. По закон овие горива не би требало да се согоруваат кај нас, бидејќи отстапуваат од нормите утврдени со Правилникот за квалитет на течни горива. Откако бевме задолжени од Владата, ние го проверуваме горивото што се гори во инсталациите во наша надлежност и утврдивме дека и ваков вид гориво коешто дури и не се увезува, туку тука се произведува и согорува и тие чекори коишто се во наша надлежност ги преземавме.
Видете и ова: Многу надлежни, килава борба против загадувањетоВо моментот кога беа објавувани тие видеа дека болниците испуштаат таков чад, можеле ли нешто инспекторите да направат? Да излезат на терен, да побараат примероци?
Примероци не. Еве ќе ви дадам пример за една конкретна акција што ние ја спроведовме заедно со овластен инспектор во болницата за физикална терапија во Капиштец. И за таму имаше поплаки на граѓани и навистина бојата на чадот беше црна. Она што ние го направиме таму, прво ние повторно не сме надлежни за болниците, бидејќи тие се секундарно здравство. Нив треба да ги мониторираат овластените инспектори за животна средина, но имајќи предвид дека до нас дојдоа поплаките и сакајќи да провериме, бидејќи ние имаме право да вршиме мониторинг врз работата на овластените инспектори појдовме на терен заедно. И секако видовме дека таму се користи мазут, дека преточувањето е несоодветно, дека оџакот таму не е исчистен со години, дека тоа, исто така, предизвикува проблеми со согорувањето. Меѓутоа, квалитетот на мазутот ние тогаш не го проверивме, заради тоа што ние ги задолживме да вршат мерење на емисиите и да изработат елаборат за заштита на животна средина, што тоа не го изработиле. Речиси ниту една болница откако сум јас дојдена во Инспекторатот нема изработено елаборат за заштита на животната средина што е всушност и законска обврска. Тоа не го направиле затоа што овластените инспектори не отишле да им го побараат. Тоа сега ние низ општините со овластените инспектори координирано го правиме да се изработат елаборати за животна средина и да се направат мерења на емисиите. Но, за жал, повеќе од ова во овој момент не сум сигурна дали може да се направи и ние имавме комуникации и со донатори сè со цел да се направи една програма за замена на печките за мазут коишто се користат за затоплување и за производство на топла вода што им е потреба на болниците.
Споменавте дека не постапиле овластени инспектори. Станува збор за инспектори од Државниот инспекторат?
Не. Тоа се инспектори коишто ги ангажираат општините, градоначалниците и можам да ви кажам дека некаде 37 општини и немаат овластен инспектор, така што имаме еден сериозен проблем со контрола на загадувачите коишто се во надлежност на општините.
Во врска со случајот со увоз на маслата, државата деновиве казни неколку фирми со вкупна казна од 55 илјади евра. Дали според Вас, овие казни се соодветни во услови кога компаниите направиле големи профити?
И ние веројатно ќе се вклучиме во тој дел на казнување, но оној момент кога ќе утврдиме дека компаниите коишто согласно нивните А-интегрирани дозволи користеле мазут, односно користеле гориво кое што не ги исполнува карактеристиките на мазут, тогаш ќе можеме да казниме бидејќи тие всушност не постапувале по она што им е пропишано со нивната еколошка дозвола. Ние можеме да се вклучиме токму на оној дел каде што се користат горивата од аспект на емисиите и од аспект на тоа што ни е пропишано со А-интегрираните дозволи и елаборатите за заштита на животната средина.
Но, дали сметате дека со вакви казни на компаниите повеќе им се исплати да прекршуваат закони и потоа да си плаќаат?
Како граѓанин можам тоа да го потврдам. Дефинитивно казните треба да бидат ригорозни. Користењето на вакви фосилни горива е нешто што државата мора да го менува и да го санкционира доколку горивото не е квалитетно.
Најавени се законски измени за зголемување на казните за компаниите, коишто загадуваат. Дали тоа ќе ја зголеми ефикасноста на инспекторатот или на пример потребно е зголемување на бројот на инспектори?
Да, ова е многу важно прашање. Инспекторите пристапуваат кон мандатни казни и кон прекршочни пријави кога компаниите не ги исполните законските рокови за коишто биле задолжени да направат одредени усогласувања или да ги коригираат неправилностите кои биле најдени на терен. Зголемен е обемот на казнување во последниот период од страна на инспекторите за животна средина. Секако тие добиваат и поддршка бидејќи биле изложени и на одредени притисоци, така што инспекциската работа ќе биде многу поуспешна доколку се пристапува кон казнување на неправилностите.
Рековте дека има зголемени казни, дали тоа е во насока и на контрола и за големите фабрики од големата индустрија кои подлежат на А-интегрирани дозволи?
Големата индустрија е многу специфична. Специфична е од причина што тие инвестирале во претходниот период во контрола на емисиите, тоа практично значи купувале огромни филтри коишто се многу скапи за да се намалат емисиите на прашина и на други загадувачки материи. И кога нема отстапување од примена на граничните вредности, кога нивните емисии се во согласност со тоа што им е дозволено да загадуваат од страна на Министерството за животна средина, ние не можеме да постапуваме. Меѓутоа она што е карактеристично, тие големи загадувачи користат многу гориво и на тој начин имаат многу големи количини на отпаден гас. Ние сега во Фени правевме независни мерења на емисиите, затоа што Феи досега, прво горивото што го користеле во Фени излезе дека е набавувано од компании за кои што е утврдено дека имале неправилности, односно увезувале неквалитетен мазут или што и да е тоа, како масло за ложење е тарифирано, понатаму емисиите нивни досега, според она што самите го мереле во рамките на својот мониторинг, било во границите на нормалата. Но, ние сега направивме независно мерење со акредитирана лабораторија, која што ние ја имаме ангажирано на тендер, повторно за првпат тоа се случува ние да го проверуваме тоа што го мерат самите во согласност со А-интегрираните дозволи. Деновиве треба да излезе извештајот со наодите на акредитираната лабораторија и ќе ја известиме јавноста, во секој случај ќе задолжиме да извршат анализа на квалитетот на мазутот и доколку тој мазут не е со соодветен квалитет ќе постапиме во согласност со законот.
Целото интервју со директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.