Данскиот репрезентативец Кристијан Ериксен откако колабираше на натпреварот меѓу репрезентаците на Данска и Финска бил пренесен во болница и неговата здравствена состојба сега е стабилизирана. Натпреварот беше прекинат повеќе од 90 минути. Данската федерација соопшти дека тој сега е буден.
„Кристијан Ериксен е буден и минува низ дополнителни прегледи“ напиша на социјалната мрежа Твитер претставник на данската федерација.
Натпреварот на Европското првенство беше прекинат во 43-тата минута со резултат 0-0. Сега продолжува и во тек е второто полувреме. УЕФА соопшти дека по инцидентот одржале итен состанок со двата тима по што одлучиле да продолжат со натпреварот.
Играчите се вратија на терен со огромни овации. На позицијата на Ериксен во второто полувреме од фудбалскиот натпревар заигра Матијас Јенсен. На Ериксен му беше укажана итна помош на теренот околу 10 минути откако колабираше при крајот на првото полувреме. По реанимацијата на теренот беше изнесен на носила.
Лекарот од тимот на италијанскиот фудбалски клуб Интер Пјеро Волги каде што Ериксен беше играч, за новинската агенција „Асошијатед прес“ изјави дека бил во контакт со данската фудбалска репрезентација.
„ Ние сме во контакт со данската федерација, менаџерот на тимот и тимскиот лекар. Но, се уште не знаеме ништо. Слушнавме што рече УЕФА и сите сме среќни што е стабилизиран, но тоа е се што знаеме засега“ изјави Волпи.
Тој додаде дека Ериксен досега не бил заразен со ковид-19 и дека досега немал здравствени проблеми, и дека ги поминал сите медицински прегледи без проблеми откако се приклучил тимот на Интер во јануари 2020 година од тимот на англиски Тотенхем.
Ериксен е еден од најголемите дански фудбалски ѕвезди и денешниот инцидент предизвика емотивен шок на стадионот во Копенхаген каде што 15 илјади навивачи застанаа во тишина.