Очигледна е необичната зголемена активност од сите земји членки и едно јасно искажување на ставот, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи околу спорот со Бугарија. Но, додава дека не може да каже точно каков ќе биде исходот од претстојниот самит на ЕУ и дали земјава ќе ги почне преговорите со Унијата, оти остануваат разликите со Бугарија.
Тој потенцира дека сите разговори се по однос на португалскиот предлог. Тој потенцира дека Владата и на билатерална основа комуницира со Република Бугарија и оти дипломатите на двете држави се обидуваат да ја организираат втората меѓувладина комисија, да го договорат акцискиот план и патоказот ако евентуално има договор.
„Тоа е едниот пат којшто го работиме на билатерална основа. А вториот е, се разбира, единствениот предлог на маса – португалскиот предлог којшто ние сметаме дека е добра основа за решение. Предлог којшто ги адресира сензитивностите на сите три страни во процесот и се надеваме дека нашиот ангажман на овие две патеки, билатералната и преку предлогот на португалското претседателство, на крај ќе се сведе на едно решение коешто ќе значи деблокирање на европскиот процес“ одговори на новинарско прашање Османи по прес конфенецијата на која беа најавени новите економски советници кои ќе заминат во дипломатско-конзуларните претставништва.
- Османи - Нема потреба од протести, спремен сум да реферирам пред пратениците
- Бугарија сака да наметне свој поглед кон минатото, тврди македонскиот тим од историската комисија
Османи најави една средба в понеделник со бугарскиот претседател и технички премиер во рамки на самитот на НАТО, а тој во четврток ќе се сретне со неговиот бугарски колега во Турција.
„Меѓутоа, сите разговараме по однос на португалскиот предлог. Предлогот на Португалија предвидува мониторинг од страна на ЕУ на имплементацијата на Договорот за пријателство од 2017 преку патоказ којшто има јасни рокови и институции одговорни за имплементација, а којшто ќе биде мониториран во рамки на Советот за асоцијација и стабилизација, којшто се одржува еднаш годишно, а го водат високиот претставник, во случајот Борел од страна на ЕУ и министерот за надворешни работи, но се присутни сите земји членки и секој заклучок од Советот мора да биде одобрен со консензус од сите земји членки, објасни Османи.