Министерот за надворешни работи Бујар Османи преку својот Фејсбук профил порача дека е спремен да реферира пред пратениците.
Тој упати јавна порака до претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика заеднички да го утврдат првиот слободен термин на кој ќе реферира пред пратениците за сите актуелности од доменот на надворешната политика. А паралелно со тоа да се договори термин на кој избраните амбасадори ќе ги презентираат тезите, со што ќе го ослободиме и процесот за нивно упатување во испразнетите амбасади.
„Нема потреба од протести, јас отсекогаш сум бил подготвен и да ги претставам состојбите пред опозицијата, и да реферирам во Парламентот пред пратениците“, напиша Османи, по денешниот протест на опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред МНР.
На протестите од партијата побараа премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи да се појават пред Собранието и да им објаснат на граѓаните преку пратениците за кои дополнителни анекси се разговара по однос на Договорот со Бугарија.